4:20 PM Болка во мускулите по вежбање |
На сите ни се има случено: по пасивен период и заседнат начин на живот, амбициозно влегуваме во фитнес сала и трошејќи ја и последната капка енергија, вежбаме до исцрпување. Се враќаме дома задоволни со мислата „беше тешко, но успеав" и слатко заспиваме. Лошата страна на исцрпното вежбање доаѓа наредниот ден, кога болката во мускулите ќе нè потсети дека требало навреме да си ја скротиме амбициозноста и постепено да го зголемуваме интензитетот на вежбите. Тапата болка по вежбањето се појавува кога мускулите се истегнати, во контракција или кога врз нив се врши притисок, но не и кога мускулите се во мирување. Во првите 24 часа по вежбањето болката постепено се зголемува, а постепено исчезнува околу 72 часа по појавувањето. Но, откако штетата ќе биде направена, ни преостанува само да пронајдеме начини за ублажување на болката во мускулите, која ни го ограничува движењето и ни создава дискомфор. Еве ги препорачаните методи ублажување и превенирање на болката во мускулите предизвикана од вежбање: Практикувајте активно закрепнување. Не се заковувајте за креветот. Да, за закрепнување на мускулите е неопходен одмор, но лежењето нема да ви помогне многу. Експертите препорачуваат лесна кардио физичка активност, како пешачење, пливање или јога. Ако болката е многу голема, доволно е само да пешачите. Но, ако болката е блага и имате желба да продолжите со вежбање, не се воздржувајте, туку само намалете го интензитетот или променете ги вежбите така што би вежбале друга група мускули во кои не чувствувате болка. Масирајте ги мускулите со „месење". Масажата ги релаксира мускулите и го намалува воспалувањето. Со помош на прстите правете движења како да месите тесто на деловите од телото на кои чувствувате напрегнатост и неугодност. Масирајте ги мускулите со „сучење". Земете кратко сукало, поставете го на мускулот кој сте го вежбале и со мал притисок со дланките движете го нагоре-надолу. Веднаш ќе се почувствувате порелаксирано, а ако мускулите ви се згрчени и стегнати, ќе ви се опуштат. Правете вежби за нежно растегнување. Со растегнувањето на мускулите веднаш ќе почувствувате олеснување. Иако научниците не се убедени дека растегнувањето ја лечи болката во мускулите, сепак го препорачуваат како начин за нејзино ублажување. Лесно и бавно растегнете го целото тело. Напијте се аспирин или ибупрофен. За веднаш да ја редуцирате болката, напијте се или аспирин, или ибупрофен. Тие го намалуваат воспалението и ја подобруваат циркулацијата на крвта. Ладна бања или ладни облоги со мраз. Ако не сте зиморлива личност и ако чувствувате неподнослива болка, можете да ја наполните кадата со ладна вода и да останете во неа десетина минути. Внимателно влегувајте пополека и не го потопувајте телото над градите. Ако ве плаши ладната бања, можете да ставате ладни облоги со мраз на мускулите кои ве мачат. Спијте доволно. Осигурете си барем 8 часа добар сон. Телото закрепнува додека спиете, па ако си скратите од сонот, ќе го продолжите процесот на опоравување. Хранете се здраво и пијте доволно вода. Не дозволувајте телото да ви дехидрира. Потребно е да пиете многу вода пред, за време на и по тренингот. А еве и која храна помага при болка во мускулите: боровинки; цреши (сок од цреши); калинки; банани; ѓумбир; бадеми; лосос; чоколадно млеко. |
|
Total comments: 0 | |